Skip to main content
Скопје

Градоначалникот на Ѓорче Петров Стојкоски, пред шест месеци ја викна цела влада на фотосесија, а улицата од 180 метри сè уште не постои

16/09/2025  15:15

Во видео обраќање, Горан Симоноски, кандидат за советник во Советот на Град Скопје од редовите на СДСМ, жестоко го критикува актуелниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Александар Стојкоски за неспособноста да ја заврши изградбата на улица долга само 180 метри, проект кој беше најавуван како „историски“ и кој беше отпочнат со присуство на премиерот Христијан Мицкоски и повеќе министри во март годинава.

„Погледнете кој дојде пред шест месеци на отпочнување на оваа улица со средства од унгарски кредит – целата влада предводена од премиерот, со министри Николоски, Мисајловски, Перински и пратеникот Стојаноски. А денес? Од улицата нема ништо“, истакнува Симоноски.

Проектот, кој треба да ги поврзе улиците „Социјалистичка Зора“ и „Сремски фронт“, беше промовиран како значаен инфраструктурен чекор за подобрување на сообраќајот во општината и олеснување на пристапот до главната улица „Ѓорче Петров“. Вредноста на инвестицијата изнесува 8.835.996 денари и е финансирана преку првиот владин јавен повик за поддршка на инфраструктурни проекти.

Градоначалникот Стојкоски во својата објава на Фејсбук ветуваше дека проектот ќе ја подобри сообраќајната инфраструктура, создавајќи нова врска помеѓу двете улици исто така дека ќе ги намали сообраќајните гужви и оптоварувањето на постоечките патишта и најважно дека ќе го подобри квалитет на живот за локалното население.

Сепак, како што потенцира Симоноски, шест месеци по отпочнувањето на улицата, на терен нема видлив напредок, улицата е раскопана, наоколу има прашина, а на терен ни трага од градежна механизација што укажува на неспособност на локалната власт да ги реализира дури ни најмалите проекти од помпезно најавуваниот унгарски кредит.

Тој поставува директни прашања до градоначалникот и премиерот:

-Премиере Мицкоски, вака ли Македонија се претвори во бескрајно градилиште, кога улица од 180 метри не може да се заврши за шест месеци?

-Аце, ако не можеш да завршиш улица од 180 метри за половина година, како ќе ги реализираш 90-те улици што ги ветуваш на крајот од твојот мандат?