Skip to main content
Скопје

Градинките во Аеродром добија прочистувачи за воздух

22/08/2025  11:04

Општина Аеродром направи значаен чекор кон побезбедна и поздрава средина за децата во детските градинки на нејзината територија, поставувајќи прочистувачи на воздух со највисоки стандарди.

Станува збор за висококвалитетни прочистувачи кои користат Х14 ХЕПА филтри што задржуваат над 99.995% од вирусите, бактериите и други микроорганизми, обезбедувајќи квалитет на воздух споредлив со стерилни простории, поставени во градинките „Срничка“, „Калинка“, „Црвенкапа“, „Лале“, „Чекорче“, „Бамби“, „Буба Мара“, „Сонце“, „Пчелка 1 и 2“ и „Лавче“.

Дополнително, прочистувачите имаат и префилтер со активен јаглен кој ја намалува непријатната миризба, а ја редуцира и концентрацијата на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Прочистувачите имаат капацитет за проток на воздух од 2500 кубни метри на час, овозможувајќи петкратна размена на воздух во просториите на час.

Овој проект е резултат на договорот што неодамна го потпиша в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, со Владата, со цел значително да се намалат негативните влијанија од аерозагадувањето, проблем кој за жал ги засега многу општини во Македонија, особено во зимскиот период.

„Здравјето и безбедноста на нашите најмали се врвен приоритет за Општина Аеродром. Со овие современи прочистувачи на воздух обезбедуваме чист и свеж воздух во сите детски градинки и создаваме побезбедна средина за децата да можат да растат и да се развиваат здраво“, изјави Митески, потенцирајќи дека е тоа дел од долгорочната посветеност за подобрување на квалитетот на животот и заштита од сите видови загадувачи што влијаат врз здравјето.