
Иницијативата „Шанса за Центар“ алармира за хаотична и контроверзна градба што се изведува во срцето на Дебар Маало, во непосредна близина на детска градинка. Во објава на социјалните мрежи тие остро реагираат дека проектот се спроведува без почитување на соседското право, безбедносните стандарди, но и мирот на жителите и децата.

„Вака се гради во Дебар Маало! Без усул ни за соседското право, или безбедноста, спокојот на жителите или на децата од градинката,“ пишува иницијативата, објавувајќи и фотографии од теренот. Тие тврдат дека изградбата се одвива врз основа на стар Детален урбанистички план (ДУП) од 2012 година, кој, иако застарен, сѐ уште е на сила и се користи како основа за вакви проекти.
„Ова е сѐ за што локалните власти, управувани од партиите, велат дека е по дозвола, по план од 2012, одобрено од инспектори и служби. Вака изгледа кога после 15 години се спроведуваат погрешни планови,“ се наведува во реакцијата.
Особено внимание предизвикува нивната иронична забелешка: „Устав се менува, ама ДУП никако“, со што го критикуваат отсуството на иницијатива за ревизија на урбанистичките планови кои, според нив, повеќе им служат на интересите на градежниот бизнис отколку на интересите на граѓаните.
Од надлежните институции засега нема официјална реакција по обвинувањата. Жителите на Дебар Маало со години бараат одржливо и транспарентно урбанистичко планирање кое нема да го загрозува квалитетот на нивниот живот.
