
Иницијативата „Стоп за Вардариште“ денеска, 30 декември 2025 година, оствари средба со градоначалникот на Град Скопје, на која, како што информираат, било ветено воспоставување транспарентна комуникација и појаснување на следните чекори поврзани со состојбата на депонијата Вардариште.
Целта на средбата била да се провери до каде се реализирани досега ветените активности и да се постават рокови за прашањата кои сè уште остануваат нерешени. Претходно, претставници на иницијативата извршиле теренска посета на Вардариште, при што било констатирано дека има намалување на површинскиот отпад, но дека состојбата сè уште не е целосно санирана. Од Град Скопје било најавено дека по Божиќ ќе се интензивира површинското чистење, но без конкретен рок, бидејќи процесот е условен од згрижувањето на ранливото население, за што е надлежно Министерството за социјална политика, демографија и млади. Според заменик-министерот, оваа постапка треба да заврши до крајот на 2026 година, а за неа веќе постои владина одлука. Во активностите за чистење се вклучени приватни компании, ЈП „Улици и патишта“ и Општина Гази Баба.
Во однос на обезбедувањето, од „Стоп за Вардариште“ укажале дека при последните теренски посети било забележано присуство на само еден полицаец во цивилно возило. Градоначалникот посочил дека обезбедувањето е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а притоа информирал дека ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ врши надзор и спроведува вечерни патроли на локацијата.
За процесот на одгаснување било соопштено дека по празниците Град Скопје ќе објави тендерска постапка која ќе трае до средината на февруари 2026 година. Целосната проектна документација, заедно со ревизијата на физибилити студијата од 2014 година, треба да биде подготвена до крајот на мај 2026 година. Почетокот на одгаснувањето е планиран за август 2026 година, а целиот процес, како што било најавено, ќе биде отворен за медиумите и јавноста.
Следната средба меѓу иницијативата „Стоп за Вардариште“ и надлежните институции е закажана за февруари, а во меѓувреме од иницијативата информираат дека им било ветено редовно известување за сите одлуки поврзани со Вардариште. Како и досега, најавуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат работата на институциите и навремено да ја информираат јавноста за понатамошните случувања.
