
Обраќање на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски
Почитувани скопјани,
Драги пријатели, сограѓани, мои соработници
Денес сме собрани, заедно, со една цел, која е истовремено предизвик, но и вистинскиот избор кој го имаме. Со мислата дека Скопје мора да биде град во кој ќе се живее убаво за сите. И емоција за љубов за нашиот град.
Денес го гледам ритамот на градот, неговите душа, надеж, но и неговата мака. Ја гледам решителноста на Скопје да се издигне од калта, да се избори со сите предизвици и препреки. Да биде градот кој ќе биде иднината на нашата младина, почивка на нашите постари, достоинствен дом на сите нас заедно.
Јас верувам и знам дека ја имаме и силата и посветеноста, работливоста и волјата, знаењето и визијата да го направиме Скопје поубав град.
Почитуван Претседателе на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Д-р Христијан Мицкоски,
Почитувани министри, пратеници, градоначалници и кандидати за градоначалници,
Почитуван носител на листа Даме Димитровски и почитувани кандидати за советници,
Почитувани присутни,
Со голема чест стојам пред вас. Ви благодарам од срце што ја препознавте мојата енергија, трудољубивост и искрена посветеност. Ви благодарам за довербата и поддршката што ми ја давате на овој наш заеднички пат. Ова не е само моја патека, ова е патека на сите нас.
Сите заедно ќе го направиме Скопје, град кој што ќе биде убаво, безбедно и пријатно место за живеење. Скопје во кое секој ќе се чувствува горд што живее и сигурен во тоа дека иднината му припаѓа живеејќи токму овде. Благодарам што сте со мене во оваа моја визија, која ќе покаже дека најдоброто за Скопје допрва доаѓа.
Стојам пред вас, не како политичар кој ветува чуда, туку како еден од вас. Како човек. Како човек кој секое утро го дише истиот воздух, кој заглавува во истиот сообраќаен метеж, на кого му пречат истите диви депонии и кој сонува за подобро, поуредено, почисто Скопје. Како човек кој има родители, сопруга, дете, за кои се грижам да бидат спокојни, безбедни, да имаат пристојни услови за живот, да имаат убави училишта, градинки, спортски сали.
И токму затоа, овој град заслужува повеќе од градоначалник. Заслужува човек. Затоа велиме: Прво човек, потоа градоначалник!
Човек кој ќе знае дека секоја одлука не е само ставена потпис на документ, туку вистинско влијание врз нечиј живот. Човек кој нема да гледа на мандатот како на личен успех, туку како на обврска пред илјадници граѓани што му ја дале довербата. Човек кој разбира дека политиката е само алатка, а вистинската цел е достоинствен живот за секој човек, во секое маало.
Јас сум Орце Ѓорѓиевски. Не ви зборувам оддалеку, не сум човек што живее зад затворени врати и гледа во бројки и статистики. Јас сум човек од прва линија. Еден од вас. Меѓу вас. Човек кој се соочува со истите проблеми што ги имате и вие.
Скопје е пред големи предизвици. Скопската реалноста мораме да ја смениме. И ќе ја смениме. Заедно. Со работа.
На Скопје му треба работа!
Овие проблеми не се посилни од нас. Тие се само тест на нашата решителност и подготвеност да се бориме за град кој го сакаме. Заедно веруваме дека Скопје може да биде поинаков град. Почист, побезбеден, поправеден. Град во кој секој човек ќе има чувство дека е дома. Ова не е само моја борба, ова е нашата заедничка мисија.
Најсилниот збор во демократија е ‘ние’. Ние, скопјани. Ние, граѓаните. Ние, кои веруваме дека можеме да направиме промена.
И сите проекти кои ќе ги реализираме се победа на сите нас.
Доста беа поделби, празни зборови и бескрајни надмудрувања. Достабеа изговори, и алиби сценарија. Кога предизвиците не се лесни, решенијата се работа, истрајност и чесна намера. Како што вели нашиот претседател Христијан Мицкоски – Ние не бегаме од предизвиците, ние ги решаваме!
На Скопје му требаат проверена посветеност и видливи резултати. Не влегуваме во овој предизвик заради бројки, туку затоа што веруваме дека овој град заслужува повеќе. И затоа што знаеме дека можеме заедно да го постигнеме тоа.
Ова не е глас само за мене. Ова е глас за човек, за надежта , работата, посветеноста, решителноста. За иднината во која нашите деца ќе растат онака како што ние немавме шанса, а сме посакувале и барале.
Знам дека многумина од вас се скептични. Со години слушате слични ветувања и на крајот останувате разочарани. Но, јас не доаѓам пред вас само со зборови и планови. Доаѓам со докази. Доаѓам со сработеното. Во изминатите години, заедно со мојот тим и со граѓаните, покажавме како се работи во Општина Кисела Вода. Од запуштени површини создадовме нови паркови и игралишта. Реконструиравме улици кои беа заборавени со децении. Докажавме дека може да се работи чесно, брзо и одговорно.
Тоа што го направивме во Кисела Вода не е само локален успех. Тоа е доказ дека можеме. Тоа е моделот на работа, енергија и посветеност што ќе го примениме во секоја населба и за целото Скопје.
Почитувани,
Веќе еднаш покажав и докажав дека кога се сака – се може. Најтешките препреки можат да се надминат ако си човек и ако работиш. Тука сум да ги слушам потребите на моите сограѓани, и да одговорам на нив. Човечки. По скопски!
Кога зборувам со млади, велам да не ги слушаат оние што велат „чекај“, „не можеш“, „не се менува ништо сите се исти“. Иднината не е нешто што ни се случува, таа е нешто што ние го градиме и креираме. Со секој чекор, секоја идеја, секој проект што го реализираме.
Иднината никогаш не ја создавале оние што се откажале, туку оние што чекорат напред, дури и кога е најтешко. Скопје заслужува лидери и граѓани што нема да се откажат пред било кој предизвик. И нема да се откажеме. Ние заедно ќе победиме!
Првата работа што ќе ја направиме можеби е симболична, но и суштинска. Во првите 72 часа од мојот мандат, почнуваме со „Генералка на Скопје“. Ќе ги мобилизираме сите јавни претпријатија, компаниите, невладините организации и секој од вас кој го сака овој град, да го исчистиме секое ќоше. Да покажеме дека грижата за заедничкиот дом почнува од прагот.
Но, тоа е само почетокот. Следува четиригодишна програма „Град без депонии“. Со дронови, дигитален надзор и фабрика за рециклажа, ќе ставиме крај на дивите депонии.
Ќе воведеме Еко бригади кои 24/7 ќе се грижат за јавната хигиена, а централното градско подрачје и булеварите секојдневно ќе се мијат со вода под притисок.
Нашата визија е скопјани да дишат здрав воздух.
Затоа, почнуваме со масовно пошумување на градот, водено од науката.
Ќе создадеме нови зелени коридори. Четири нови големи паркови. Ќе го претвориме Вардариште од депонија во зелена оаза. Ќе ја создадеме градската шума во Расадник. Ќе подигнеме нов парк кај реката Лепенец и уште еден долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош. И не застануваме тука, ќе создадеме и најмалку 50 мали, маалски паркови низ сите населби.
Нашата визија за зелено Скопје не е само сон. Таа е инспирирана од најдобрите европски приказни. Погледнете ја Љубљана, град кој од сив индустриски центар стана Европска зелена престолнина. Тие го затворија центарот за сообраќај и го претворија во огромна пешачка зона. Воведоа најсофистициран систем за управување со отпад, каде речиси ништо не завршува на депонија. Докажаа дека трансформацијата е можна. Јас ви ветувам, тој модел на амбиција и работа ќе го донесеме и тука. Скопје има потенцијал да не биде најзагаден град.
Ќе го вратиме животот и на нашите реки.
Со проектот „Жив Вардар“, ќе ја заштитиме и ревитализираме реката, ќе го исчистиме коритото и ќе изградиме современ кеј од Ѓорче Петров до Горно Лисиче, со пешачки и велосипедски патеки.
Хаосот мора да престане. Затоа, почнуваме со целосна комунална обнова на Скопје.
Ќе изградиме комплетен систем на атмосферска и фекална канализација. Не смее во 21 век Скопје да се дави во вода по секој дожд.
Ќе ја модернизираме водоводната мрежа и преку дигитален мониторинг и санација ќе ставиме крај на огромните загуби на вода. Ќе изградиме нови резервоари за висинските зони во Карпош, Нерези, Автокоманда, Железара и Ѓорче Петров, за да има стабилен притисок за сите.
Ќе ставиме ред и во урбанизмот.
Ја враќаме функцијата Градскиот архитект!
Ќе формираме ново јавно претпријатие „Урбан Центар Скопје“ кое ќе го врати планирањето во рацете на градот и граѓаните, а не на приватните интереси.
Ќе донесеме нов Генерален урбанистички план, заснован на долгорочна „Визија за Скопје 2025/2045“, која предвидува одржлив, зелен и функционален град.
За секој нов јавен објект ќе има задолжителен јавен електорнски конкурс. За значајните проекти ќе има меѓународен конкурс. Одлуките за Скопје ќе ги носиме заедно.
Сообраќајниот хаос ќе го решаваме со работа, не со изговори.
Ќе ги довршиме сите започнати булевари, мостови и клучки: Булеварот АСНОМ односно мостот Михаило Апостолски ќе го поврземе со Автокоманда , булеварот Љубљанска ќе го поврземе со улица Скупи , клучката Момин Поток и булеварот Борис Трајковски.
Но, ќе изградиме и нови: булевар Македонија со подземната сообраќајница, делницата Хрватска помеѓу Гази Баба и Чаир и Бутел, булеварот Цветан Димов и трета лента на Александар Македонски.
Конечно ќе се реши и хаосот со паркирањето преку изградба на катни гаражи во Буњаковец и Пролет, и монтажни паркинзи во Ново Лисиче, Јане Сандански, Мичурин, Чаирчанка, Капиштец и Лептокарија.
Овој град не е само центарот. Скопје е и Волково, и Чаир, и Козле, и Капиштец. Скопје е и Триангла, и Радишани, и Стајковци, и Тафталиџе, и Драчево. Затоа, нашата програма носи развој за секоја населба.
Ќе воведеме интегриран јавен превоз кој навистина функционира.
Ќе правиме континуирана набавка на нови еколошки автобуси, но и ќе се посветиме на воведување на градски воз, во соработка со Владата, кој ќе ги користи постоечките пруги низ градот.
Ќе го направиме Скопје град на младите.
Ќе обезбедиме поддршка за млади брачни парови со ослободување од комуналии.
Ќе ги реконструираме и дигитализираме сите средни училишта, ќе воведеме бесплатни хигиенски производи во тоалетите, гарантирана психолошка поддршка и кариерни центри.
Ќе изградиме нови објекти за училиштата „Браќа Миладиновци“ во Драчево и „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров.
Ќе го вратиме сјајот на скопската култура.
Ќе ја обновиме Универзалната сала и киното „Милениум“.
Ќе ги заживееме Калето, Аквадуктот и Скупи како отворени културни сцени.
Ќе создадеме и поддржиме многу фестивали и културни случувања.
Ќе донесеме светски познатиот настапувачи и ѕвезди во Скопје и ќе ги поддржиме сите реномирани фестивали кои се душата на градот.
Ќе воведеме целосна дигитална трансформација.
Со „Смарт Центар“, „Градски портал“ и паметна картичка „SKOPJE CITY GO“, сите услуги за нашите граѓани ќе бидат на едно место, достапни, брзи и транспарентни.
Драги пријатели,
Знам дека денес вие сте овде затоа што верувате дека Скопје може да биде поубав град. Запомнете дека гласате за човек, гласате за надеж.За сигурност дека вашите деца ќе растат во почисто, побезбедно и поправедно Скопје. За вербата дека утрешниот ден може да биде подобар од денешниот. За проверени резултати, не за празни ветувања. За даден и исполнет збор пред граѓаните. Тоа е силата што нас нè обединува.
Ова што го набројав е само мал дел од нашата програма за нашето Скопје. Таа е обемна, детална и пред сѐ, остварлива. Пред нас е нова страница. Време на решавање на проблеми и предизвици, на градење систем, на реализација на проекти, на создавање вредности и дела кои ќе траат. Со Премиер и Влада кои се вистински партнери на сите општини, а не кочничари како некои претходно, кои знаат да поддржат и помогнат наместо да опструираат, кои се грижат за сите луѓе и за секој наш дом. Скопје ќе го правиме заедно! Тимски, здружени, и пред се обединети!
Една од најважните работа што сакам да ја кажам денес е во начинот на кој ќе работиме. Ќе ставиме крај на конфликтите, суетата и инаетот. Од многу општини, од многу маала, од многу јазици, ние сме само едно Скопје. Не дозволувајте минатите нееднаквости да не сопрат кон исполнување на нашата заедничка цел. Таа е иста за сите нас скопјани. Нема да се задоволуваме со минималното, затоа што јас влегувам во овој предизвик решен дека треба од својот максимум да најдам нов максимум. И да не сопрам додека надежта која сега ја имаме за секој еден од нас не биде реалноста која ќе ја живееме.
Внимателно ќе ги следам програмите и настапите на сите мои противкандидати. И секоја идеја која е добра за Скопје, секој предлог кој ќе го подобри животот на скопјани, без разлика од кого доаѓа, јас ќе го вклучам во нашата заедничка работа. Уште повеќе, ги повикувам сите нив, по изборите, да работат со мене. Да не се надмудруваме, туку да работиме. Заедно! За нашето Скопје! Човечки!
Почитувани скопјани,
Скопје е нашиот заеднички дом. Време е да го средиме. Време е да работиме. Јас сум спремен да работам. Ви подавам рака, на сите вас, без ралзика на национала припадност, партија или вера. Затоа што Скопје е на сите нас. Не барам доверба заради политичка победа, туку за да го изградиме градот што го заслужуваме. Барам доверба заради вас. Ако заедно застанеме сега, утре Скопје ќе биде поинаков град. И тоа нема да биде само моја победа тоа ќе биде наша заедничка победа, победа на сите скопјани!
Драги пријатели,
Нашето мото е јасно: Прво човек, потоа градоначалник! На Скопје му треба човек со чиста намера и силна работа. Да се биде градоначалник во вакво време значи да се биде човек, да се носат одлуки и да се биде првиот кој ќе застане кога ќе биде најтешко. Да се изгради доверба со делата, а не со зборовите.
Нашата иднина не е нешто што ќе го чекаме. Таа е нешто што ќе ја создадеме заедно. Со трпелива работа, со чесна намера и со љубов кон градот кој е наш заеднички дом. И кога ќе поминат години, кога ќе погледнеме наназад, ќе знаеме дека ова било времето кога Скопје почнало да се менува – не со едно ветување, туку со илјадници мали дела.
Ова е нашата шанса. Шанса да го направиме Скопје град на кој ќе му се восхитуваат – со модерна инфраструктура, чист воздух, зелени површини, културна сцена и економија што ќе ги задржи младите овде. Шанса да оставиме наследство за кое ќе бидеме горди.
Доаѓа време во кое нема да се прашуваме дали може подобро, туку тоа подобро реално и заедно ќе го живееме!
Најголемата титула не е „градоначалник“. Најголемата титула е – човек.
И кога човекот е вистински, градоначалникот ќе биде вистински!
Прво човек. Потоа градоначалник!