Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Турција останува силен партнер во развојните процеси на Скопје

27/11/2025  20:53

Во рамки на активностите за унапредување на меѓународната соработка и размена на добри практики со партнерските земји, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Турција во Македонија, Фатих Улусој.

„Амбасадорот Улусој го запознав со нашата програма и визија за современо, паметно и урбано Скопје, како и со јасната заложба за забрзан развој на нашиот град. Заеднички ја потенциравме долгогодишната соработка и традиционално добрите односи меѓу нашите две земји. Разговаравме и за тековните активности на Град Скопје, како и за можностите за понатамошно унапредување на партнерството, особено во сферата на урбаниот развој, инфраструктурните проекти, културната размена и соработката со бизнис-заедницата“, истакна градоначалникот.

Посебно внимание, нагласи Ѓорѓиевски, било посветено на потенцијалните иницијативи кои би донеле конкретни придобивки за граѓаните на Скопје, како и на размена на добри практики во локалното управување.

„Ја нагласив подготвеноста на Град Скопје да продолжи да работи на продлабочување на односите со Република Турција, а амбасадорот Улусој ја истакна континуираната поддршка на Турција за развојните процеси во нашиот град. На крајот, заеднички го потврдивме потенцијалот за нови иницијативи и активности што ќе придонесат за подобар квалитет на живот на скопјани и за понатамошно зацврстување на меѓусебната соработка“, додаде Ѓорѓиевски.