Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Скопје нема време за експерименти, му треба работа и резултати

04/10/2025  22:17

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, синоќа од Ѓорче Петров ја започна својата кампања со претставување на дел од проектите кои, како што најави, ќе значат суштински промени за секојдневниот живот на скопјани.

„Скопје нема време за празни говори, нема време за експерименти – му треба докажана работа,“ порача Ѓорѓиевски пред насобраните граѓани, нагласувајќи дека токму од Ѓорче, „бастионот на победите“, ја почнува најголемата битка за иднината на главниот град.

Меѓу првите проекти што ги најави е акцијата „Генералка на Скопје“, со која во првите 72 часа од преземањето на функцијата ќе се исчисти секој агол и секоја улица во градот. Следи четиригодишната програма „Град без депонии“, со која дивите депонии ќе станат минато.

Особено внимание доби ветувањето за изградба на нов резервоар за вода и пумпна станица на Оризарски рид, со што конечно ќе се реши деценискиот проблем со слабиот притисок и несигурното водоснабдување во Ѓорче Петров.

Во делот на инфраструктурата, Ѓорѓиевски најави нови улици, реконструкции и подобрена мобилност, меѓу кои:

  • пробивање на улицата Шарпланинска,
  • изградба на нов објект за гимназијата „Кочо Рацин“ по европски стандарди,
  • нов кружен тек меѓу улиците „Ѓорче Петров“ и „Македонска војска“,
  • реконструкција на улица „101“ во Волково,
  • изградба на улиците „Веле Марков“ и „Шарпланинска“ и поврзување на „Лука Геров“ со патот за „Економија“.

„Проблемите на Ѓорче се проблеми на целото Скопје и ќе ги решаваме системски, со план, со работа и со одговорност,“ истакна кандидатот за градоначалник.

Тој ги повика граѓаните на 19 октомври да дадат поддршка за Александар Стојкоски во Ѓорче Петров и за неговата кандидатура за градоначалник на Скопје, порачајќи: „Гласот е за нашите деца, за генерациите што доаѓаат и за вистинскиот избор – човек кој секогаш ќе остане меѓу своите сограѓани.“

За Ѓорѓиевски поддршка даде и премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцира дека „Скопје повторно ќе биде достоинствен град“.