Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски расчистува со фантомските вработувања: 398 отпуштени од „Комуналец“, следат нови 100!

07/11/2025  15:51

Новата градска администрација продолжува со ревизијата во јавните претпријатија под Град Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска објави дека бројката на отпуштени вработени во ЈП „Комунална хигиена“ кои земале плата, а не доаѓале на работа, се искачила на 398 лица.

„Имало и работници и раководители. Убеден сум дека ќе дојдеме до бројка од 500 луѓе. Таква бројка да земале плата – тоа се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За четири години тоа се 20 милиони евра. Во превод – тоа е Луна паркот што треба да го направиме, а го чекаат скопјани,“ изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот најави дека ќе бара одговорност од сите лица кои потпишувале документи и одобрувале вакви вработувања, истакнувајќи дека сите имиња ќе бидат јавно објавени.

„Сите што земале плата, а не се појавувале на работа, ќе бидат јавно обелоденети. Такви случаи има не само во ‘Комунална хигиена’, туку и во ‘Паркови и зеленило’, како и во други јавни претпријатија, но не во толку голема бројка,“ рече градоначалникот.

Ѓорѓиевски потенцираше дека бркањата од работа се законски и дека нема да има толеранција за злоупотреби на јавни ресурси.

Дополнително, тој укажа и на хаосот во другите јавни претпријатија: „Додека половина Скопје нема вода за пиење, во ‘Водовод и канализација’ има четири магацини полни со материјали. Некој тоа свесно и намерно го правел,“ рече Ѓорѓиевски, додавајќи дека следува целосна ревизија на работењето на сите градски претпријатија.