Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Расадник добива нова современа градинка, инвестираме во иднината на нашите деца

18/06/2025  16:52

Расадник добива нова, современа детска градинка. Со одлична динамика се одвива изградбата на уште еден капитален објект за најмладите жители на општина Кисела Вода.

Новата градинка ќе се простира на површина од 800 квадратни метри и ќе има капацитет за згрижување на 120 деца. Објектот ќе располага со вкупно шест занимални, од кои две се наменети за јасли. Со оваа инвестиција, општината продолжува со исполнување на целта за целосно затворање на листите на чекање за прием во детските градинки. На почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, бројката на дечиња кои чекаа место во градинка беше над 400. Сега, со изградбата и отворањето на нови објекти во населбите 11 Октомври, Потстаница и оваа во Расадник, Кисела Вода не само што обезбедува место за сите деца од општината, туку отвора можност да прими и деца од соседни општини.

-Ова не е само инвестиција во инфраструктурата – ова е инвестиција во иднината. Обезбедуваме квалитетни услови за секое дете, но и големо олеснување за секој родител. Го исполнуваме ветувањето што го дадовме пред граѓаните – дека децата ќе бидат наш приоритет број еден. Благодарен сум на Владата на Република Македонија, на Премиерот Христијан Мицкоски, на Министерството за труд и социјална политика и на сите институции и луѓе кои се вклучени во реализација на овој значаен проект- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.