Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: Од понеделник 55 автобуси се враќаат на улиците, уште 20 до Нова година

07/11/2025  15:23

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека веќе од понеделник 55 автобуси повторно ќе сообраќаат низ скопските улици, а до Нова година во системот ќе бидат вклучени уште 20.

„На мое големо задоволство, денес остварив средба со приватните превозници. Со добра координација и заедничка волја, за помалку од 48 часа откако ја преземав функцијата градоначалник, успеавме да постигнеме договор кој значи конкретен чекор напред – враќање на 55 автобуси во функција уште од понеделник,“ изјави Ѓорѓиевски.

Овој потег, како што истакна тој, претставува сериозен исчекор кон подобрување и стабилизирање на јавниот градски превоз, кој со месеци се соочуваше со проблеми поради прекинати договори и недостиг на возила.

„Дополнително, до Нова година ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, со што јавниот превоз конечно ќе биде целосно нормализиран,“ рече градоначалникот.

Ѓорѓиевски најави и дека до март, во соработка со Владата и Министерството за транспорт и врски, ќе се обезбедат уште 80 нови автобуси. „Заедно со градскиот воз, кој веќе ја започна првата фаза на реализација, и со проектот БРТ, започнуваме циклус на трајно решавање на сообраќајниот хаос кој со години го оптоварува Скопје,“ потенцира тој.

Градоначалникот истакна дека е свесен во каква состојба се наоѓа главниот град, но и дека е решен да внесе конкретни промени:
„Свесен сум во каква состојба е Скопје. Свесни се и скопјани. Но, како никогаш досега сум мотивиран да го направиме нашиот град достоинствено, чисто и современо место за живеење. И ќе успееме. Го имате мојот збор!“