Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски најавува кружен тек и модерни улици за подобар сообраќај во Ѓорче Петров

05/10/2025  16:48

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави низа капитални проекти кои ќе ја трансформираат инфраструктурата во општина Ѓорче Петров и ќе го подобрат квалитетот на животот на граѓаните.

Главниот проект е изградбата на модерен кружен тек на крстосницата меѓу улицата „Ѓорче Петров“ и булеварот „Македонска војска“. Според Ѓорѓиевски, овој кружен тек ќе ја зголеми безбедноста, ќе го растовари сообраќајот и ќе ја подобри мобилноста во западниот дел на градот.

Дополнително, кандидатот најави реконструкција на улица „101“ во Волково, изградба на улиците „Веле Марков“ и „Шарпланинска“, како и поврзување на улицата „Лука Геров“. Овие проекти, според него, ќе овозможат подобра сообраќајна поврзаност, економски развој и подобар јавен превоз за населението.

Ѓорѓиевски посочи и решение за долгогодишниот проблем со водоснабдувањето во општината – изградба на нов резервоар и пумпна станица на Оризарски рид, што ќе обезбеди стабилен притисок на водоводната мрежа и сигурно снабдување со вода за сегашните и идните генерации.

Во рамки на програмата е предвидена и изградба на нов современ објект за средното училиште „Кочо Рацин“, во соработка со Владата, кој ќе ги следи европските стандарди за образование.

„Овие проекти не се само ветувања. Тие се наша обврска и визија – Скопје да стане град со модерен сообраќај, сигурна инфраструктура и еднаков пристап до квалитетен живот за сите граѓани“, истакна Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека со реализирање на овие проекти Ѓорче Петров ќе стане пример за тоа како внимателно планирани и капитални вложувања можат да го подобрат секојдневното живеење и мобилноста на граѓаните.