Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски најави модернизација на сообраќајот во Аеродром

01/10/2025  15:14

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес посети критична сообраќајна точка во општина Аеродром и ги презентираше своите инфраструктурни планови за подобрување на безбедноста и протокот на сообраќајот.

„Креирајќи ја програмата за Град Скопје, безбедноста на граѓаните ја поставивме како главен приоритет. Еден од првите проекти е редизајнот на вкрстувањето меѓу булеварите ‘Кузман Јосифовски – Питу’ и ‘Јане Сандански’ со улиците ‘Руди Чаевац’ и ‘Симеон Кавракиров’, кој ќе се реши со модерен кружен тек според европски стандарди,“ истакна Ѓорѓиевски.

Проектот е дел од концептот за редизајн на 50 критични крстосници и улици, со цел до 2030 година Скопје да постигне визија за „нула фатални несреќи“. Планот вклучува кружни текови, подигнати пешачки премини и визуелни ограничувачи за намалување на брзината и зголемување на видливоста.

Покрај тоа, Ѓорѓиевски најави целосна изградба на Булеварот АСНОМ и поврзување со булеварот „Александар Македонски“, како и продолжување на булеварот „Февруарски поход“ со нов мост преку реката Вардар, кој ќе овозможи подобрена мобилност и рамномерен развој на источниот и западниот дел од градот.

„Сите овие проекти не се само за Аеродром, туку се проекти за цело Скопје. Мојата визија е град во кој секое дете безбедно стигнува до училиште, секој возач безбедно пристигнува дома, а секој граѓанин живее во средина со современа инфраструктура и европски стандарди,“ порача Ѓорѓиевски.