
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека главниот град ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, оценувајќи дека со ова започнува суштинска трансформација на јавниот превоз и значително подобрување на секојдневието на граѓаните.
Според Ѓорѓиевски, одлуката е донесена од страна на Влада на Република Македонија и опфаќа доделување на 100 нови автобуси за Скопје, заедно со 50 полначи. Тој нагласи дека оваа инвестиција ќе значи побезбеден, поефикасен и подостоинствен јавен превоз, но и сериозен чекор кон заштита на животната средина и подобрување на квалитетот на воздухот.
Градоначалникот се повика и на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој посочил дека поддршката за Скопје е дел од поширока стратегија за стабилизација и модернизација на јавните услуги. Според Ѓорѓиевски, набавката произлегува од стратешки договор „влада со влада“ меѓу Македонија и Унгарија, што овозможува поволни услови за реализација на проектот.
Во своето обраќање, Ѓорѓиевски истакна дека проблемот со јавниот превоз, кој со години претставувал една од најголемите слабости во градот, наскоро ќе стане минато. Тој потсети дека при преземањето на функцијата се соочил со сериозен колапс на системот, но токму тоа, како што рече, било мотив да се отпочнат процеси кои со години биле блокирани.
Градоначалникот информираше дека за помалку од три месеци од стапувањето на функцијата се иницирани повеќе клучни постапки, меѓу кои и набавката на нови возила за Комунална хигиена, чие пристигнување се очекува до крајот на годината, како и започнувањето на постапката за набавка на новите автобуси. Овие чекори, според него, се првите конкретни резултати од, како што нагласи, „тектонски промени на подобро“.
Ѓорѓиевски упати јавна благодарност до премиерот Мицкоски за поддршката и посветеноста кон граѓаните, оценувајќи дека без ваква институционална соработка реализацијата на крупни проекти од ваков обем не би била возможна. Тој порача дека Скопје има потенцијал повторно да стане град со достоинство, ред и јасна визија за иднината.
На крајот, градоначалникот истакна дека завршува периодот на сомнежи дали може подобро и дека следува време во кое граѓаните директно ќе ги почувствуваат промените, додавајќи дека квалитетниот јавен превоз и почистата животна средина се заедничка обврска кон сегашните и идните генерации.

