Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: На Скопје му треба развојна стратегија која ќе овозможи граѓаните тековно да ги добиваат услугите од јавните претпријатија

21/07/2025  20:14

Орце Ѓорѓиевски, актуелен градоначалник на општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на град Скопје за претстојните локални избори, беше гостин во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија. Тој се осврна на состојбата со пожарите во земјава, и притоа истакна дека има доверба во институциите по однос на оваа ситуација.

,,Многу одговорно и совесно на територија на Скопје Противпожарната бригада ја врши својата работа. Одговараат навремено на ваква појава, и благодарение на нив спречени се многу непријатни ситуации изминатиов период. Треба модернизација и на опремата која што ја поседуваат пожарникарите. Треба законски регулативи да се донесат и да се променат. Верувам во институциите моментов“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, програмата за Град Скопје треба да произлегува од потребите и проблемите на граѓаните со цел да се задоволат елементарните услови за функционирање на граѓаните. Тој се осврна и на неговите теренски посети низ општините во градот Скопје, и истакна дека според него, правилен начин да се изработи програмата е предлозите да доаѓаат од страна на граѓаните.

,,Започнавме една фаза каде што имам средби со граѓаните и прибираме идеи за креирањето на програмата, заедно со граѓаните. Според мене е единствен правилен начин да креирате програма, е кога ќе ги слушнете, изворно од нив ќе потекнуваат идеите и предлозите“, рече Ѓорѓиевски.

Тој се осврна на состојбите во јавните градски претпријатиja како ЈСП, како и ЈП за комунална хигиена, и дека она што треба да се промени, е процесите да се планираат долгорочно.

„Во топ 5 приоритети на граѓаните е токму ЈСП Скопје и нефункционалноста на истото. Она што треба ние да го промениме , е да има состојба на долг рок да се планираат сите процеси во градот. Да не се доведува претпријатие во колапс. Истото важи и за комунална хигиена“, истакна Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски додаде дека програмата за Град Скопје ќе биде изработена прецизно и темелно со рокови.

„Ќе има развојна стратегија, според која што ќе има постојано обновување на возниот парк. Многу е важно да имаме сериозен пристап на долг рок. Сега сме во фаза на изготвување на програмата, која што ќе биде темелно изработена, ќе биде прецизно со рокови и ќе ги содржи решенијата за најгорливите проблеми. Особен фокус ќе има тоа што значи задоволување на елементарните услови за функционирање на нашите сограѓани“, заклучи Ѓорѓиевски.