
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изврши работна посета и детален увид на локалитетот Скопско Кале, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски и претставник од Управата за заштита на културното наследство. Целта на посетата беше целосно согледување на актуелната состојба на локалитетот и утврдување на реалните можности за негово понатамошно отворање и ставање во активна културна функција.
Во рамки на обиколката беше нагласена јасната определба на Град Скопје за внимателно, стручно и одговорно приспособување на просторот, со цел Скопското Кале да прерасне во жива културна сцена достапна за граѓаните, уметниците и посетителите, при целосно почитување на историските слоеви, автентичноста и културното наследство. Овој пристап, како што беше посочено, е во согласност со современите европски практики, каде локалитети со исклучителна историска и симболична вредност се интегрираат во активниот културен живот на градовите. Активирањето на Скопското Кале е дел од пошироката визија „Скопје – Европска престолнина на културата“, насочена кон долгорочна културна трансформација и одговорно пренесување на наследството на идните генерации.
Во објава на социјалните мрежи, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека има јасна цел за целосно отворање на просторот на Скопското Кале и негово ставање во активна функција за културни и уметнички содржини, со апсолутно почитување на историското наследство.
„Скопското Кале е еден од најзначајните културно-историски симболи на Скопје. Тоа е сведок на нашата цивилизациска историја и нашата колективна меморија. Неговата реафирмација е јавен интерес и обврска кон идните генерации, да им оставиме град кој го почитува минатото, а храбро ја гради својата културна иднина.“, порача Ѓорѓиевски.
