Skip to main content
Скопје

Ѓорѓиевски: ЕБОР испрати писмо, БРТ проектот продолжува

04/02/2026  19:40

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски денеска, одговарајќи на советнички прашања во Советот на Град Скопје, информираше дека кредиторот ЕБОР официјално го одблокирал проектот за БРТ (брз автобуски превоз), со што се отвора можност за дополнителна набавка на автобуси.

„Сакам ексклузивно за јавноста да споделам дека утринава ни пристигна писмо од ЕБОР со кое конечно се откочува проектот за БРТ системот. Нашата обврска е да формираме проектна единица и да направиме измени во планот за јавни набавки. Освен 100-те автобуси за главниот град, преку БРТ ќе бидат обезбедени уште 30. Ако во кампањата ветував 80, сега зборуваме за вкупно 130 нови автобуси“, изјави Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека, по разговор со премиерот Христијан Мицкоски, најголем дел од 100-те автобуси се очекува да бидат испорачани во текот на оваа година.

„Не можам да гарантирам дека сите 100 ќе пристигнат годинава, бидејќи тоа не зависи директно од мене, но Град Скопје ќе започне паралелен процес и за БРТ и за набавката на автобусите“, истакна градоначалникот.

Воедно, Ѓорѓиевски нагласи дека ЕБОР ги продолжил роковите за реализација на БРТ системот до март, што, како што оцени, дава дополнителен простор за успешна имплементација на проектот.