
На југот на Сицилија продолжува да се влошува состојбата со големото свлечиште, кое досега проголтало околу 350 милиони кубни метри земјиште, јавуваат италијанските медиуми. Свлечиштето, со фронт долг околу четири километри, почна да се активира минатата недела и продолжува да се шири, предизвикувајќи страв дека може да го зафати историското јадро на градот Нишеми. Локалните власти забранија градежни активности на погодената зона од околу 25 квадратни километри.
Досега најмалку 1.500 жители се евакуирани, а градоначалникот Масимилијано Конти предупреди дека состојбата е критична, со куќи надвиснати над работ на свлечиштето. Италијанската влада најави можност за истрага за евентуални пропусти во градежните активности, додека опозицијата бара средства наменети за мостот преку Месинскиот Теснец да се пренасочат кон санација на најпогодените региони.
