
Полицијата утрово спроведе голема координирана акција на повеќе локации во Скопје, насочена кон спречување недозволена трговија со оружје. Претреси се вршеле во Арачиново, Мојанце, Сингелиќ, Чаир, Брест и Љуботен.
Според неофицијални информации, при акцијата се пронајдени три автоматски пушки, два пиштоли, поголема количина муниција од различни калибри, како и пет моторни возила и повеќе мобилни телефони кои се одземени за понатамошна истрага.
Неофицијално, приведени се 12 лица, а полициските активности продолжуваат и во текот на денот.
Од Министерството за внатрешни работи се очекува официјално соопштение со повеќе информации за утринската акција.
Информацијата ја потврди и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Во текот на утрото полициски службеници под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК извршија претреси на повеќе локации во Арачиново, Ченто, Брест, Инџиково и Чаир, поради основи на сомневање за сторени кривични дела поврзани со оружје и дрога,“ соопштија од обвинителството.
Полициската акција се очекува да продолжи со дополнителни оперативни мерки во текот на денот.
