
Ексградоначалникот на Скопје од редовите на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Петре Шилегов, најави дека во партијата се подготвува платформа со која ќе се побараат сериозни реформи и одговорност од актуелното раководство.
Гостувајќи во вечерашната емисија „Тема на денот“ на ТВ Сител, Шилегов оцени дека СДСМ во изминатиот период сериозно кадровски се испразнил и дека голем број членови кои можеле да придонесат за партијата повеќе не се пожелни.
„Жално е тоа што му се случува на СДСМ. Кадровски сериозно е испразнет. Луѓето што можеа да помагаат, а се СДСМ, очигледно е дека не се пожелни. Сите не дочекаа на нож затоа што укажавме дека начинот на раководење со партијата во последните неколку години ја носи на прагот на политичка егзистенција“, рече Шилегов.
Тој посочи дека изборните резултати покажуваат сериозен пад на поддршката, наведувајќи дека СДСМ во Скопје станал петта политичка сила, а во градови како Битола, Прилеп, Велес и Штип трета.
Шилегов ги отфрли обвинувањата дека со своите ставови работи во корист на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека неговиот ангажман е исклучиво насочен кон зајакнување на СДСМ.
„Не може да се случи да работам за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што го правам можам да го правам само за СДСМ“, истакна тој.
Говорејќи за начинот на кој ќе се изрази незадоволството во партијата, Шилегов рече дека процесот е веќе активен и дека постои поголема група социјалдемократи кои не се согласуваат со начинот на кој се води партијата.
„Ќе се обидеме да дојдеме до здрава политичка логика и да ги замолиме луѓето што ја раководат партијата тоа повеќе да не го прават. Да дојдат други луѓе што ќе ја раководат“, рече тој.
Според него, иницијативата ја водат луѓе кои долги години политички се развивале во СДСМ, а некои од нив се дел од партијата уште од младинските организации.
Шилегов оцени и дека Македонија во моментов е држава без силна опозиција, што според него оди во прилог на партијата Левица. Поради тоа, како што рече, дел од критички настроените граѓани сега опозициската алтернатива ја бараат токму во таа политичка опција.
Тој најави дека јавноста ќе биде информирана за понатамошните чекори, додавајќи дека наскоро ќе биде претставена платформа со која ќе се побараат сериозни реформи во СДСМ.


