Skip to main content
Балкан

Голем пожар во близина на Измир: зафатени куќите, евакуирани цели населби

30/06/2025  11:02

Огромен шумски пожар изби во близина на турскиот град Измир, предизвикувајќи вистинска паника кај жителите. Пламените јазици, кои брзо се проширија поради силниот ветер, стигнаа до станбени области и предизвикаа значителна материјална штета.

Жителите се во паника и се евакуирани, додека локалните власти мобилизираа сè што имаат на располагање за справување со огнената стихија. Општина Измир и противпожарните служби работат без пауза, обидувајќи се да го стават пожарот под контрола, но лошите временски услови сериозно ја отежнуваат интервенцијата.

Пожарот зафати и подрачја во близина на Аеронаутичкото техничко училиште и популарната пикник-зона Сарнич, што доведе до прекини во воздушниот сообраќај. Аеродромот „Аднан Мендерес“ во Измир откажа голем број летови, а за останатите се пријавени доцнења. Авиокомпаниите апелираат патниците да ги следат најновите информации преку своите веб-страници и аеродромските табли.

Екипите остануваат на терен и работат деноноќно за да го спречат ширењето на огнот кон други населени места. Засега нема информации за човечки жртви, но штетите се веќе големи, а опасноста сè уште не е помината