Skip to main content
Балкан

Голем пожар ја зафати фабриката „Комодита“

08/01/2026  18:59

Огромен пожар попладнево избувна во објектот на фабриката „Комодита“ (Comodita) во Ѓаковица, Косово, предизвикувајќи густ чад и високи пламени јазици кои се видливи од поголем дел на градот. На терен се распоредени сите расположливи екипи за итни интервенции, кои се обидуваат да ја стават огнената стихија под контрола.

Портпаролот на Косовската полиција за регионот на Ѓаковица, Шеремет Елезај, за медиумот „Сињали“ изјави дека дојавата за пожарот била примена околу 16:40 часот. Според него, пожарот избувнал во објект лоциран на улицата „Ѓерѓ Соколи“.

„Полициските единици и противпожарните екипи веднаш излегоа на лице место и ги преземаат сите неопходни мерки за локализирање и гаснење на пожарот. Огнот е со големи размери и екипите за итни случаи продолжуваат со интензивна работа за целосно ставање на ситуацијата под контрола“, изјави Елезај.

Според првичните информации од полицијата, засега нема пријавени повредени лица. Надлежните служби нагласуваат дека целосната проценка на состојбата и евентуалните последици по луѓето и објектот ќе може да се направи дури по целосното гаснење на пожарот.