Skip to main content
Свет

Главните автопатишта во Израел се затворени поради протести со кои се бара прекин на војната во Газа

26/08/2025  16:25

Главните патишта во Израел денеска се затворени поради протест на кој граѓаните бараат ослободување на заложниците и прекин на војната во Појасот Газа.

Демонстрациите ги организира Форумот за заложници и исчезнати семејства – група која долго време бара од израелската влада да даде приоритет на ослободувањето на заложниците и веднаш да ја заврши војната. Се верува дека 20 заложници што ги држи Хамас сè уште се живи.

„Спасете ги заложниците, завршете ја војната“; „Војната на измама убива заложници и војници“ се транспарентите што демонстрантите ги имаат поставено на автопатот кај Тел Авив.

Снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат дека има запалено голем оган на делови од патот што го поврзува Тел Авив со Ерусалим. Густ црн чад може да се види како се извишува над патот додека демонстрантите мавтаат со израелски и жолти знамиња симболизирајќи солидарност со заложниците што ги држи Хамас во Газа.

На други места, на периферијата на Тел Авив, делови по должината на крајбрежниот автопат се исто така затворени, пишува Би-би-си.

Според пишувањата на „Тајмс оф Израел“, повикувајќи се на информации од полицијата, сите патишта се отворени за сообраќај по протестите рано утрово.

Полицијата нагласува дека слободата на протест и изразување не е слобода да се наруши слободата на движење на многу други.

„Блокирањето патишта без дозвола и на начин што може да ги загрози учесниците во сообраќајот или да ја наруши слободата на движење на граѓаните нема да биде дозволено“ се додава во соопштението.