Skip to main content
Свет

Главниот соработник на Марин Ле Пен најави кандидатура за претседателските избори

28/04/2025  11:10

Претседателот на француската десничарска партија Национален собир, Жордан Бардел, потврди дека ќе се кандидира на претседателските избори во Франција во 2027 година доколку неговата менторка Марин Ле Пен, трикратниот кандидат и фаворит, чии амбиции се загрозени од пресудата за измама, биде спречена да се кандидира.

„Јасно е дека Марин Ле Пен е мој кандидат, но ако утре ѝ биде забрането да се кандидира, мислам дека можам да ви кажам дека јас би бил нејзин кандидат“, рече Бардел во интервју за францускиот „Ле Паризиен“.

Бардел, 29-годишниот претседател на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, долго време се сметаше за наследник во Национален собир, но досега не призна отворено дека е подготвен да се вклучи во претседателската трка доколку е потребно.

Тој се појави како најочигледен кандидат на најголемата крајно десничарска партија во Франција за изборите во 2027 година откако Ле Пен беше прогласена за виновна за проневера и веднаш казнета со петгодишна забрана за кандидирање за јавни функции.