
На предлог на известувачот Томас Вајц, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска го одложи гласањето за усвојување на Извештајот за земјава за 24 јуни.

Како што пренесе дописникот на МИА од Брисел, Вајц во објаснувањето на предлогот потенцираше дека бил сведок на интензивни политички дискусии во врска со извештајот, но дека цврсто стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите парламентарни групи во Европарламентот.
“Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни”, рече Вајц.
Тој истакна дека целта на ова барање е да им овозможи на неговите колеги европратеници, особено оние од редовите на десничарските парламентарни групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Европа на суверени нации (ЕСН) “да ги ажурираат своите лоби регистри”.
Вајц директно му се обрати на бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од партијата Има таков народ (ИТН), која е членка на ЕЦР, посочувајќи дека тој самиот најавил три лоби средби. “Знам дека понекогаш сме малку преоптоварени со работа во нашите канцеларии и сакам да ви дадам можност да ги ажурирате вашите лоби регистри и да се навратиме на ова гласање на 24 јуни”, додаде Вајц.
Претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер, по ова, изјави дека согласно практиката нема потреба за гласање по предлогот, бидејќи тој доаѓа од предлагачот на Извештајот и само констатира дека изјаснувањето по документот е одложено за 24 јуни.