![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2025/02/20250212093720_big_730x400_36.webp)
БОЛЕСТ ПОВРЗАНА СО ХЕПАТОЦИТЕН НУКЛЕАРЕН ФАКТОР 1β (HNF1β)/HEPATOCYTE NUCLEAR FACTOR 1ß (HNF1ß) – ASSOCIATED DISEASE
MKБ-10 / сѐ уште не постои специфичен код
ПРЕВАЛЕНЦА – средната глобална преваленца се проценува на 1 / 1 000 до 1 / 10 000 лица.
ВОВЕД
Хепатоцитен нуклеарен фактор 1 Бета-асоцирана болест (HNF1β асоцирани болести) се група генетски состојби кои влијаат на бубрезите, како и на другите органски системи. Болеста поврзана со хепатоцитен нуклеарен фактор 1β (HNF1β) од неодамна е препознаена како клинички ентитет со променлив, мултисистемски фенотип. Мутациите на HNF1β за првпат биле опишани во 1997 година како ретка генетска причина за дијабетес кај младите и дисфункција на β-клетките на панкреасот. Ова е еден од гените одговорни за регулирање на раниот развој на многу органи на телото. Мутациите во HNF1β се наследени во семејства со автосомно-доминантен модел. Болеста поврзана со HNF1β се дијагностицира врз основа на симптомите, семејната историја и генетското тестирање. Знаењето за можните клинички манифестации на болеста поврзана со HNF1β е важно за нефрологот со цел да ги препознае овие пациенти во клинички услови бидејќи за многу од овие клинички манифестации може да биде потребна нефролошка консултација.
ЕТИОЛОГИЈА
Иако точната улога на HNF1β во развојот на бубрезите чека дополнително испитување, јасно е дека HNF1β мутациите можат да доведат до абнормален развој на нефронот. Последниот процес вклучува структури кои произлегуваат од уретерична пупка, формирајќи ги собирните канали, бубрежната карлица и уретерот и метанефричниот мезенхим, одговорен за формирање на најголемиот дел од нефронот. И двете ембрионски структури изразуваат HNF1β. Покрај регулирањето на гените вклучени во нефрогенезата сама по себе, HNF1β влијае врз тоа неколку гени да бидат вклучени во патогенезата на бубрежната цистична болест. Пример се гените PKD2 и PKHD1 кои се мутирани кај полицистични бубрези. Бидејќи HNF1β регулира неколку развојни и цистогени патишта, постои широк спектар на развојни бубрежни абнормалности кај пациенти со HNF1β мутации. Бубрежниот фенотип се чини дека е екстремно хетероген, при што 62 % од пациентите имаат една или повеќе бубрежни цисти. Овие цисти можат да бидат видливи на бубрежниот ултразвук, главно во кортексот, но понекогаш потребна е и магнетна резонанца за да се открие. Затоа, терминот HNF1β нефропатија е воведен за да ги опфати сите опишани бубрежни абнормалности, вклучувајќи мултицистична бубрежна дисплазија, бубрежна хипоплазија, унилатерална бубрежна агенеза, микроцистична дисплазија, бубрег во вид на потковица, атипична фамилијарна јувенилна хиперурикемична нефропатија и уринарни малформации. Бубрежните абнормалности можат да се детектираат со ултрасонографија кога се анализираат за намалување на бубрежната функција во подоцнежна возраст или антенатално со пренатална ултрасонографија во бременоста. Затоа, HNF1β е исто така препознаен како причина за вродени аномалии на бубрезите и уринарниот тракт. Анализата на урината генерално не покажува клетки и протеинурија од < 1 g/24 часа.
СИМПТОМИ И ДИЈАГНОСТИЦИРАЊЕ
Не секој што има болест поврзана со HNF1β ќе ги има истите знаци и симптоми. Најчестите симптоми се поврзани со бубрежни абнормалности. Другите знаци и симптоми можат да вклучат дијабетес на млада возраст, генитални абнормалности и проблеми со панкреасот и функцијата на црниот дроб.
Хипомагнезимија и хипокалциурија
Во ретроспективна студија од 2009 година, кај 66 деца со ХББ кои биле тестирани за HNF1β мутации, се покажа дека хипомагнеземијата е поприсутна кај пациенти со HNF1β мутација (48 %) наспроти пациенти без мутација (2 %). Кај пациентите со HNF1β мутација и хипомагнезимија, имаше бубрежнa слабост, како и истовремена хипокалциурија. Комбинацијата на хипомагнеземија и хипокалциурија, исто така, се сретнува и кај Гителмановиот синдром, во кој е вклучен дефект на дисталните згрчени тубули на котранспортот на натриум хлорид. Затоа, HNF1β тубулопатијата, исто така, треба да се земе предвид кај пациенти со фенотип што личи на Гителмановиот синдром, особено кога генетската потврда на последната дијагноза е отсутна, без разлика дали се присутни други клинички карактеристики на HNF1β асоцираната болест.
Хиперурикемија и ран почеток на гихт
Повеќето пациенти со HNF1β мутации презентираат хиперурикемија, а некои имаат ран почеток на гихт. Абнормалниот транспорт на урати може да биде причината поради која пациентите со мутации на HNF1β имаат ран почеток на гихт и абнормални покачени нивоа на урати кои не одговараат на нивното ниво со опаѓање на бубрежната функција.
Дијабетес и егзокрина дисфункција на панкреасот
HNF1β игра важна улога во раниот развој и диференцијација на панкреасот. Нарушувањето на HNF1β може да резултира не само со дисфункција на β-клетките на панкреасот, што доведува до дијабетес мелитус, туку и до атрофија на панкреасот и егзокрина дисфункција на панкреасот. Атрофија на панкреасот која најчесто е или на главата или на телото на панкреасот е забележана на компјутерска томографија кај пациенти со HNF1β мутации во комбинација со егзокринапанкреатична дисфункција, која често е супклиничка. Присутно е ендогено производство на инсулин и пациентите со дијабетес не се задолжително зависни од инсулин. Сепак, на поголемиот дел од пациентите на крајот им е потребна инсулинска терапија за соодветна контрола на гликемијата, што не е случај за HNF1-α MODY. Генерално, мутациите на HNF1β се ретка причина за MODY, што се јавува кај < 1 % од случаите.
Малформации на гениталниот тракт
Конгенитални абнормалности на гениталниот тракт се среќаваат прилично често кај пациенти со мутации на HNF1β. Станува збор за малформации кои се резултат на аплазија и неуспешна на фузија на Милеровите канали, што резултира со вродени абнормалности на матката и горниот дел на вагината или аплазија. Хипоспадијата и другите генитални абнормалности се спорадично опишани кај машките поединци.
Зголемени ензими на црниот дроб
За разлика од она што би го сугерирало неговото име, моментално не се знае многу во врска со молекуларната (пато) физиологија на HNF1β или во хепатоцитите или во црниот дроб и билијарниот тракт воопшто. Ензимите на црниот дроб, особено аланинаминотрансферазата и γ-глутамилтранспептидазата, често се покачени без знаци на заболување на црниот дроб или хепатална инсуфициенција. За разлика од потенцијалната тешка неонатална холестаза која се јавува спорадично кај новороденчињата и децата, возрасни пациенти со HNF1β мутации главно покажуваат асимптоматски покачувања на ензимите на црниот дроб.
RCC – Renal cell carcinoma и други малигни заболувања
Студиите на случај сугерираат дека недостатокот на HNF1β експресија е поврзан со хромофобниот RCC. Chromophobe RCC е редок бубрежен карцином кој има релативно бледа цитоплазма под микроскоп, за разлика од чистата цитоплазма во чистата клеточна RCC. Неколку извештаи, исто така, сугерираат улога на HNF1β како туморски маркер кај различни тумори, како што се хепатоцелуларен карцином, гинеколошки тумори и карцином на простата.
Ментална ретардација и аутизам
Во група од 53 деца со мутации на HNF1β, откриено е дека 3 деца имаат ментална ретардација и аутизам, што е број поголем од очекуваниот врз основа на преваленцата во општата педијатриска популација. Меѓу пациентите упатени на генетско тестирање за невроразвојни или психијатриски нарушувања, HNF1β мутациите беа исто така почесто присутни во споредба со етничките усогласени контроли.
ПОСЛЕДИЦИ
Долгорочната перспектива за луѓето со болест поврзана со HNF1β зависи од сериозноста на симптомите.
ТРЕТМАН
Третманот за оваа состојба се заснова на симптомите. Иако моментално каузалната терапија не е достапна, дијагностицирањето на синдромот е важно. Заболувањето на бубрезите и бубрежната инсуфициенција можат да се третираат со дијализа и трансплантација на бубрег. Дополнително, треба да им се понуди генетско советување на пациентите и членовите на нивните семејства.