Skip to main content
Македонија

„Ги тргав телата за да стигнам до брат ми“ – потресно сведоштво на Кристијан Панов за трагедијата во „Пулс“

26/01/2026  11:41

Кристијан Панов од Кочани, брат на загинатиот Андреј Панов, во своето сведоштво за трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ изнесе сериозни тврдења за условите за работа, безбедноста и случувањата кобната ноќ.

Тој изјави дека повремено работел хонорарно во дискотеката, добивајќи 1.500 денари по вечер, исплаќани на крајот од работното време. Неговиот брат Андреј работел како шанкер и, според Кристијан, бил платен околу 2.000 денари дневно.

Панов тврди дека пиротехнички средства се користеле и пред 16 март, а неодамна настапувал диџеј од Грција со танчерки кои користеле запаливи реквизити слични на факели. Според него, дискотеката имала само еден влез и излез, без јасна светлосна сигнализација, а противпожарни апарати лично не забележал.

Обезбедувањето било присутно, составено од лица од Кочани кои стоеле пред влезот, продавале билети и ставале печати на рацете на посетителите. Панов тврди дека билети продавал Тодор Јованов, кој понекогаш продавал и на малолетни лица. Во дискотеката имало и малолетници, а полицијата повремено се појавувала.

За време на трагичната вечер, Кристијан пристигнал околу 02:20 часот за роденденска прослава. По кратко време, излегол надвор за цигара кога забележал полицајци. Неколку секунди подоцна настапил хаос – луѓе трчале, настапила стампедо, најмногу заглавени меѓу двете врати. Концертот на групата ДНК бил во тек, а некој од бината повикал публиката да излезе надвор.

Во паниката, повеќе лица се обидувале да помогнат, а Панов влегол повторно внатре за да го бара брат му. Внатре имало густ чад и многу лица без свест. Тој налетал на пожарникар, но осветлувањето било недостаточно, па користел мобилен телефон.

„Го најдов брат ми на самиот праг. Имаше многу тела. Ги тргав за да стигнам до него“, сведочеше Кристијан. Андреј бил префрлен во болница, каде обидите за реанимација биле неуспешни. „Останавме сами во просторијата, се обидував да го реанимирам, но веќе беше доцна“, додаде тој.

Панов истакна дека во критичните моменти имало малку организирана помош, иако некои поединци се обидувале да помогнат на повредените.