Skip to main content
Хроника

Гевгеличанец од затвор лажно се претставувал како вработен во обвинителство и од санитарен инспекторат за измама на угостители

25/12/2024  16:24

Основното јавно обвинителство во Гевгелија примило кривична пријава поднесена од страна на СВР Струмица – ОВР Гевгелија против И.П. (45) од Гевгелија, кој се наоѓа во затворска казна во Казнено поправна установа – Затвор Идризово. Пријавениот се сомничи за сторено едно кривично дело „измама“ и две кривични дела „измама во обид“.

Во периодот од 05.12 до 21.12.2024, И.П. телефонски контактирал тројца сопственици на угостителски објекти од Гевгелија, лажно претставувајќи се како вработен во државни институции (Јавно обвинителство и Државен санитарен инспекторат). Тој ги довел во заблуда, ветувајќи им дека ќе им помогне за решавање на наводни случаи за труење со храна во нивните објекти, ако ги платат одредени парични средства.

Во еден од случаите, оштетениот со посредство на трето лице му исплатил 2000 евра, но по неколку дена, кога сфатил дека е измамен, го пријавил случајот во полиција.

Полицијата од СВР Струмица, ОВР Гевгелија, СВР Скопје и Одделот за криминалистичка полиција презела повеќе активности со цел откривање на сторителот, меѓу кои бил и претрес во затворска ќелија на И.П. Притоа, биле пронајдени предмети кои ќе послужат како доказ во понатамошната постапка.