Skip to main content
Свет

Германската разузнавачка служба бара поголеми овластувања

10/12/2025  15:12

Германската Сојузна канцеларија за заштита на Уставот (БфВ) побара поголеми надлежности за борба против шпионажа и саботажа, што според „Дојче веле“ би барало промени во безбедносните закони. Од почетокот на конфликтот во Украина, хибридното војување, комбинирано со разузнавачки активности, дезинформации и пропаганда, сериозно ја погоди Германија. Поради засилените закани, претседателот на БфВ, Синан Селен, инсистира неговата служба да добие поголеми овластувања.

Министерот за внатрешни работи, Александар Добринт, веќе најави реформи, а канцеларскиот кабинет поддржува засилен надзор на интернетот, чување на IP-адреси и полесна размена на податоци меѓу службите.

– Франција и Холандија се значително пред нас. Во тие земји постојат помали правни ограничувања за надзор на сомнителни лица и помалку строги правила за заштита на податоците, изјави Селен.

Тој додаде дека, и покрај новата американска безбедносна стратегија, не очекува прекин на партнерството со САД, но нагласи дека Европа мора да стане понезависна од САД, особено во развојот на сопствени ИТ-системи.