Skip to main content
Свет

Германија: Уапсен маж што повикувал на убиства на политичари преку „даркнет“

11/11/2025  13:40

Маж е уапсен во Германија под обвинение дека повикувал на напади врз германски политичари и државни службеници, собирал донации во криптовалути за да плати за нивните убиства и објавувал инструкции за правење експлозиви, соопшти Обвинителството.

Осомничениот – маж со двојно германско-полско државјанство, идентификуван како Мартин С. – е приведен синоќа во Дортмунд, соопшти федералното обвинителство. Тој е осомничен за финансирање терористички активности, давање инструкции за извршување сериозни акти на насилство и опасно ширење лични податоци.

Обвинителството тврди дека од крајот на јуни, тој повикувал на напади врз политичари, државни службеници и други лица од германскиот јавен живот, користејќи го т.н. „даркнет“. Обвинет е дека анонимно одржувал платформа на која објавил список со имиња на луѓе на кои самоиницијативно им одредил „пресуди“. На платформата, тој, исто така, објавувал и инструкции за изработка на експлозиви.

Се тврди дека повикувал на донации во криптовалути, кои потоа требало да ги понуди како награда за убиството на политичарите.

Платформата содржела чувствителни лични податоци на потенцијалните жртви, додаде обвинителството.

Обвинителството не идентификува ниту едно од лицата на списоците и не прецизираше какви податоци се откриени.

Федералното обвинителство е одговорно за истражување на значајни случаи на екстремизам и случаи кои ја загрозуваат националната безбедност.