Skip to main content
Свет

Германија: Конфликтот со Иран не е војна на НАТО

16/03/2026  19:45

Германија упати порака до администрацијата на американскиот претседател дека воената операција против Иран нема никаква врска со Северноатланската алијанса.

Портпаролот на германската влада, Стефан Корнелиус, на прес-конференција во Берлин беше дециден во однос на карактерот на Алијансата како одбранбен сојуз.

„Ова не е војна на НАТО и нема никаква врска со НАТО бидејќи Алијансата е одбранбен сојуз“, изјави Корнелиус, одговарајќи на новинарски прашања поврзани со последните закани на Трамп.

Тој додаде дека германските власти внимателно ја следат реториката на американскиот претседател, но остануваат на ставот дека ескалацијата само ќе ја дестабилизира регионалната безбедност.

„Ја зедовме во предвид позицијата на американскиот претседател“, кратко прокоментира портпаролот.

Оваа реакција доаѓа откако Трамп ја интензивираше воената активност во близина на Ормутскиот теснец и почна со бомбардирање на ирански воени цели на островот Харг. Германија веќе неколку пати претходно потврди дека нема намера да учествува во американските воени операции против Техеран, инсистирајќи на заштита на регионалните сојузници од директен конфликт.