Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски во изјава за Канал 5 телевизија потенцира дека не е првпат да реагира во однос на сметот што не се расчистува од страна на градот Скопје, а под чија надлежност е самиот град и градоначалничката Данела Арсовска.
„Ова не е моја прва реакција во делот на сметот. Се случува многупати да реагираме за истиот проблем, дури ако се сеќававте и баравме да ги превземеме ингеренциите не само Општина Центар, туку и сите скопски општини да ги превземат ингеренциите во делот на комуналната хигиена. Утрово, се соочивме со многу смет, во текот на викендов имавме и поплаки од страна на жителите дека неколку дена не е исчистен сметот во одредени населби, особено во населбата Крњево. Онаа слика којашто утрово ја видов при носење на моите деца во училиште беше многу лоша и катастрофална и е недозволиво да се случува не само во Општина Центар, туку и во сите скопски општини, еден огромен проблем со кој се соочуваме, а за којшто мора да се изнајде решение. Ние како општина превземаме мерки според можностите и капацитетите коишто ги имаме за самите да го отстрануваме сметот, но не и сметот од контејнерите, поради тоа што немаме таква механизација за отстранување на истите”, рече Герасимовски.
Герасимовски истакна дека неколку пати е дискутирано на ЗЕЛС за преземање на ингеренциите и побарано е од страна на сите скопски градоначалници да се преземат ингеренциите.
„Мислам дека имаа неколку состаноци и претседателот на ЗЕЛС, заедно со владата за да ги увидат можностите за законските регулативи за да се превземат ингеренциите. Немам целосни информации до каде е со самите разговори”, потенцираше Герасимовски.
Службите многу често апелираат до комуналното претпријатие, но и до останатите градски претпријатија за одредени проблеми со кои се соочуваме како општина, се со цел да ги подобриме условите за живот и јавното добро да го заштитуваме целосно како општина. Службите имаат комуникација со Градот, добиваат одредени одговори во делот на отстранување на сметот, недоволен капацитет на вработени, расипани возила и слично, но сето тоа не е оправдување. Ние како избрани функционери треба да работиме во интерес на граѓаните и да им пружиме што подобри услови за живот. Упатувам апел сите заедно да допринесеме за почиста и здрава животна средина и да водиме што повеќе и поголема грижа за подобар живот на сите жители”, посочи Герасимовски.