Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Со Зоран Кондратенко и Јаков Дренковски, новиот кум и здравичар, ја продолжуваме големата бадникарска традиција

15/12/2025  13:00

Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник” денеска ги претстави кумот и здравичарот за 2026 година.

Годинава, водечките бадникарски функции ги прифатија и претприемачот и експерт во областа на енергетиката Зоран Кондратенко како кум и  урбаниот трубадур Јаков Дренковски како здравичар.

Кумот и здравичарот се заблагодарија за честта што им беше укажана, истакнувајќи дека оваа функција претставува голема радост и гордост за нив и нивните семејства.

Честитки им упати и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, посочувајќи дека станува збор за убава традиција стара повеќе од три децении.

„Последните четири години, достоинствено и во духот на вера, надеж и љубов го прославивме Бадник. Уверен сум дека и наредните години ќе ја продлабочиме соработката со Бадникарското здружение за зачувување и развој на оваа наша убава  традиција”, рече Герасимовски.

Кумот и здравичарот ги поканија сите скопјани в недела, на 21 декември, напладне, во месноста Краста, на јужните падини на Водно, да им се придружат и да засечат бадникарски гранчиња за успешен почеток на новата година. Гранчињата ќе им бидат поделени на верниците на 6 јануари, на централната свеченост на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски”.

Во духот на големиот христијански празник, кумот Кондратенко ќе го понесе ќупот за Бадник 2026, додека здравичарот Дренковски ќе ја изговори здравицата на платото пред Храмот.