Skip to main content
Скопје

Герасимовски: Сами се справивме со сметот, барам да ги преземеме ингеренциите на Комунална хигиена за Центар

28/10/2025  09:15

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за Сител телевизија изјави дека состојбата со хигиената во Скопје и Општина Центар е катастрофална и недозволива за една метропола, обвинувајќи за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена” и недостатокот на одговор од Градот.

„Ова е катастрофа што му се случува на градот Скопје и на Општината Центар изминатите четири години. И целата оваа ситуација е недозволива за една метропола”, рече Герасимовски, додавајќи дека додека други поднесувале кривични пријави и се жалеа, Центар работел на терен.

Тој нагласи дека Општина Центар презела низа конкретни мерки за справување со проблемот: изнајмена е дополнителна механизација, работено е двосменски и тросменски, поставени се нови контејнери и набавена е цистерна за миење улици – но, според него, тоа не е доволно без функционален систем на ниво на Градот.

„Доколку ЈП ‘Комунална хигиена’ не профункционира, ќе биде многу тешко да се одржува хигиената самостојно”, предупреди тој.

Герасимовски потсети дека уште пред две години, како претставник на Центар во Управниот одбор на ЗЕЛС, побарал секоја општина да ги преземе ингеренциите за хигиена.

„Сигурен сум, и тогаш и сега, дека ако ги преземевме ингеренциите, набавевме дополнителна механизација и зголемевме бројот на хигиеничари, сето ова денес немаше да се случи”, истакна Герасимовски.

По првиот круг од изборите, Герасимовски иницираше итен состанок со скопските градоначалници и барал вклучување и на Владата.

„Свикавме и кризен штаб, побарав итен состанок на ЗЕЛС, седнавме со скопските градоначалници да бараме решенија. Темата беше и понатамошно преземање на ингеренциите, по изборите, секоја општина поединечно да се грижи за хигиената.” – рече Герасимовски.

Дополнително, Герасимовски објави дека Општина Центар спровела вонредни мерки за заштита на здравјето на граѓаните, како вонредна дезинфекција и дератизација во сите училишта и градинки, ангажирање поголем број работници за секојдневно чистење на школските дворови, средба со куќни совети и нивни претставници, со цел да се спроведе дератизација во околината на секоја зграда и дератизација на 1980 шахти на територија на Општина Центар, со најави дека таа ќе продолжи во наредниот период.

„Сè уште не е решен проблемот со хигиената на центарските и скопски улици, и затоа мора да дејствуваме со заеднички напори и јасна одговорност”, заклучи Герасимовски.