
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска присуствуваше на архитектонска изложба на студентски проекти за идејно решение Јавен кондензатор – нови спортски структури во КСП Центар – Јадро.
Годинешнава тема е создавање спортски комплекси со повеќенаменска улога, каде ќе бидат вклучени и комерцијални, културни и социјални содржини што ќе се надополнуваат.
Овој концепт наречен „јавен кондензатор” претставува поврзување на сите овие елементи во една функционална целина, која ќе биде динамична, флексибилна и корисна за граѓаните во секое време.
Во своето излагање Герасимовски истакна дека ова е седма година по ред како Општина Центар има успешна соработка со Архитектонскиот факултет, истакнувајќи дека е горд на сите пристигнати трудови и вредната работа на студентите да одговорат на предизвиците за проектирање општествени згради во една урбана општина како Центар.
„Темата беше предизвикувачка, со оглед дека спортот станува се’ поважен дел на современиот животен стил, а со тоа и потребата од нови спортски структури, односно спортски и рекреативни објекти во една урбана средина на живеење. Одличната соработка со Архитектонскиот факултет продолжува и понатаму, а Општина Центар останува да биде дел од менторскиот процес со студентите и нивното усовршување како идни архитекти на нашиот град”, истакна Герасимовски.
Во рамки на традиционалната архитектонска студентска изложба, со свои презентации се претставија и студентите од трета и четврта студиска година, со проекти за општествени згради на теми: „Училиште во парк” и „Паркинг куќа” во Дебар Маало.
Изложбата ќе биде отворена до 27 февруари во КСП Центар Јадро.