
„Воведуваме центарска картичка како дополнителна услуга за жителите на Општина Центар, но и како директна поддршка и промоција на локалниот бизнис-сектор. Со оваа картичка граѓаните ќе добиваат попусти и поволности на одредени производи и услуги”, истакна Герасимовски во Дневникот на Сител, најавувајќи низа мерки за подобрување на животниот стандард наредната година.
Картичката е планирано да биде електронска и уникатна за секој жител, со сопствен бар-код, и ќе можат да ја користат исклучиво жители на Центар, додека бенефициите ќе важат само кај правни субјекти регистрирани во општината.
Со картичката ќе можат да се добијат попусти во институции, како што се театри, музеи, галерии, локални бизниси од здравство, фармација, козметика, фитнес, правни услуги, угостителство, мода, велосипеди, храна и други, за граѓаните да добијат конкретни поволности за своите потреби.
Постапката за воведување се планира да започне во средината на јануари или почетокот на февруари, а пуштањето во употреба се очекува во март.
Герасимовски најави и други мерки за 2026 година, насочени кон семејствата и образованието.
„Ја зголемуваме еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања од 2.500 на 5.000 денари, како и поддршката за новороденчиња од 7.000 на 10.000 денари. Во образованието воведуваме бесплатен топол оброк за учениците во основните училишта, ученички екскурзии низ државата и зголемување на стипендиите – за талентираните ученици за 1.000 денари, а за учениците од социјално загрозени семејства за 1.500 денари”, рече градоначалникот.
