Skip to main content
Скопје

Герасимовски ќе соработува со Среброва и Ивановска – потег што покажува зрелост и грижа за интересот на граѓаните

05/11/2025  13:27

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го започна новиот мандат со потег што ретко се гледа на нашата политичка сцена, покана на средба со неговите противкандидатки од изборите, Билјана Ивановска и Марија Среброва, со цел да разговараат за нивните идеи и проекти од кампањата.

Иако неговиот противкандидат од вториот круг, Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, не присуствуваше поради работни обврски, самата иницијатива за средба со политичките ривали испраќа силна порака, дека локалната политика може и треба да биде простор за соработка, а не исклучиво за конфронтација.

Герасимовски истакнува во својата објава која доби преку 1200 позитивни реакции на Фејсбук, дека на средбата се разговарало отворено за сите важни прашања за Центар, како и за идеите што Ивановска и Среброва ги споделија во текот на изборната кампања. „Очекувам нивен придонес во развојот на нашата општина“, напиша градоначалникот на Фејсбук, посочувајќи ја важноста на нивното искуство и знаење.

Оваа средба е показател за политичка култура што ја надминува логиката на партиското делување и е чекор напред во однос на политичката култура и соработка.

Кога победникот на изборите покажува подготвеност да ги сослуша и вклучи идеите на оние што биле на спротивната страна тоа значи дека приоритет се граѓаните, а не политичките поени.

Вакви примери треба да станат правило а не исклучок. Локалната власт е најблиску до луѓето, а вистински резултати доаѓаат тогаш кога постои соработка и почит кон различни ставови.