Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска го посети Новогодишниот базар на книги кој во следните три дена се одржува во трговскиот центар Рамстор. Во рамки на базарот, свој штанд за книги има поставено и македонската авторка Ксенија Николова.
Герасимовски, при посетата на базарот потенцираше дека читањето книги е основата за интелектуален и личен развој.
„Читањето книги е една од најмоќните алатки за создавање пообразовани и критички генерации. Ваквите креативни настани не се само можност за промоција на книгите, туку да ги поттикнеме младите лица да развиваат здрави навики за читање. Чест ми е што заедно со нашата авторка Николова ја подигнуваме свеста за поддршка на домашното издаваштво. Продолжуваме да бидеме партнер на сите млади креативци кои со своите дела го прават поубаво нашето секојдневие”, вели Герасимовски.
Со поддршка од Општина Центар излезе од печат романот на Ксенија Николова „Зад маските” кој зборува за љубовта, мистеријата, семејството и пријателството.
„Читањето книги е важно за развојот на младите, бидејќи ги развива когнитивните и критички вештини. Книгите го збогатуваат вокабуларот, ги поттикнува креативните способности што е клучно за наш напредок. Ги повикувам сите љубители на пишаниот збор да нѐ посетат, да нѐ поддржат и да купат книга”, изјави Николова.