Skip to main content
Скопје

Ѓеорѓиевски: Во Пинтија ќе се реконструираат 3.300 метри улици

23/09/2025  15:18

Во скопската населба Пинтија започна голема реконструкција на уличната инфраструктура на вкупна површина од 16.000 м² или 3.300 метри улици, соопшти градоначалникот на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Како што ветивме, по изградбата на новата фекална канализациона мрежа, пристапуваме кон целосно обновување на улиците,“ објави Ѓорѓиевски на својата официјална страница.

Градежните активности опфаќаат реконструкција на улиците Саса 2 со краци, Саса 4 со краци, Саса 8 и Саса 10. Проектот е вреден 25,5 милиони денари, средства обезбедени преку вториот владин повик за капитални инвестиции, со поддршка на Министерството за транспорт и врски, а аплицирани од Општина Кисела Вода. Според динамиката, реконструкцијата треба да заврши во рок од пет месеци.

Градоначалникот потсети дека во изминатите четири години во населбата биле реализирани повеќе значајни проекти – изградба на нова канализациона мрежа, спортска сала во дворот на ПОУ „Рајко Жинзифов“ која првпат е изградена, реконструкција и енергетска ефикасност на училиштето, како и изградба на плоштад со детско катче кое станало современо место за дружење и рекреација.

„Со секој реализиран проект, Пинтија станува подобро и поубаво место за живеење,“ нагласи Ѓорѓиевски.