Skip to main content
Скопје

Ѓеоргиевски најавува двојно повеќе велосипедски патеки во Скопје

19/09/2025  16:06

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеоргиевски, најави дека бројот на велосипедски патеки во главниот град наскоро ќе се удвои.

„Иднината на нашите градови е во почист воздух, поздрави генерации и улици кои им припаѓаат на луѓето, а не на загадувањето“, истакна Ѓеоргиевски. Тој ја поздрави одлуката на Министерството за транспорт и врски за изготвување на нов правилник за велосипедски патеки и упати благодарност до невладиниот сектор, како ГОУ ГРИН, за конструктивната соработка.

Ѓеоргиевски посочи дека правилникот ќе овозможи јасни стандарди за изградба на современи и безбедни велосипедски патеки. „Секој нов километар патека значи чекор кон европски стандарди, кон поздраво секојдневие и кон градови кои нудат вистинска алтернатива за движење“, додаде тој.

Според неговите информации, во Скопје моментално има 144 километри велосипедски патеки, а со новите проекти таа бројка ќе биде двојно поголема. Ѓеоргиевски истакна дека како претседател на ЗЕЛС ги повикува сите градоначалници, сегашни и идни, целосно да ги применат мерките од правилникот за да се создадат општини каде велосипедот ќе стане симбол на здрава заедница.

„Да ја избереме иднината што ја заслужуваме – зелена, чиста и здрава!“, порача Ѓеоргиевски.