Skip to main content
Скопје

Ѓеорѓиевски: Ќе ставиме крај на урбаниот хаос и сообраќајниот метеж во Скопје

02/09/2025  15:46

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓеорѓиевски, денеска соопшти дека остварил продуктивен состанок со тим од врвни експерти, кои ќе бидат дел од реализацијата на неговата програма за иднината на главниот град.

Како што наведува, во тимот се вклучени проф. д-р Мишко Ралев, декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје, проф. д-р Огнен Марина, редовен професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, проф. д-р Горан Мијоски од Градежниот факултет, архитектот Аљоша Шопар и експертот по земјишна политика и администрација, Славче Трпески.

„Ова е визија која носи иновативни и современи решенија, осмислени да одговорат на вистинските предизвици на Скопје. Со неа предвидуваме систематско решавање на урбаниот хаос, трајни решенија за сообраќајниот метеж и модернизација на јавниот превоз, со цел градот конечно да добие функционален и одржлив систем“, истакнува Ѓеорѓиевски.

Разговорите, според него, биле насочени кон урбаниот развој, транспортот и животната средина, со акцент на рамномерниот развој на сите делови од градот.