Skip to main content
Скопје

Ѓеорѓиевски: Ќе победам во првиот круг, Скопје заслужува генералка, ред и стратегија

10/08/2025  16:14

Актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓеорѓиевски, во интервју за МИА најави дека неговата кампања за локалните избори на 19 октомври ќе биде фокусирана на решавање на реалните проблеми на граѓаните, а не на „црни кампањи“.

„Политиката е натпревар на концепти и идеи, а не меѓусебни обвинувања. Граѓаните се презаситени од негативни кампањи и очекуваат конкретни решенија,“ истакна тој, додавајќи дека е оптимист за победа уште во првиот круг, со двојна предност пред останатите кандидати.

Првата негова акција, доколку ја преземе функцијата, ќе биде „генералка“ на градот и решавање на проблемите со јавниот сообраќај. „Скопје последниве години е претворено во голема депонија. Ќе го исчистиме градот и ќе воспоставиме ред,“ вели Ѓеорѓиевски.

Тој најави изборна програма изградена врз пет главни столба – меѓу кои комунална хигиена, чист воздух, подобро водоснабдување, развој на патната инфраструктура и долгорочна стратегија за развој на градот. Програмата, според него, се креира за сите скопјани, без разлика на политичка, верска или национална припадност.

Ѓеорѓиевски смета дека главниот град страда од нефункционални јавни претпријатија и недостиг на стратегија за развој: „Без систем, градот ќе зависи од личноста на градоначалникот, а тоа не смее да биде така. Потребна е визија за 5, 10 или 20 години напред.“

Во однос на своите постигнувања во Кисела Вода, ги издвојува изградбата и доградбата на 10 објекти за детска грижа, изградба на ново училиште во Драчево, поставување фотоволтаици во сите училишта, повеќе паркови, спортски терени, 70 километри асфалтирани улици и реконструкцијата на салата „Расадник“.

„Верувам во поддршката на граѓаните, затоа што и во Кисела Вода ја оправдав довербата со над 90% реализација на проектите,“ заклучува Ѓеорѓиевски.