Skip to main content
Култура

Гала оперски концерт во МОБ со светски познатата оперска дива Инва Мула

24/11/2025  22:03

Светски познатата оперска дива Инва Мула ќе настапи на сцената на МОБ на 28 ноември во 20.00 часот. Таа ќе настапи на Гала оперски концерт заедно со Дешира Амети-Крлиу (сопран), Исмет Вејсели (тенор) и оркестарот на МОБ, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Дејан Прошев.

Инва Мула, сопран е едно од најистакнатите имиња на современата оперска сцена. Родена во уметничко семејство во Албанија, таа многу рано го започнува своето музичко образование, истакнувајќи се како исклучителен вокален талент со лирска прецизност и емоционална длабочина. Во текот на својата блескава кариера настапувала на најпрестижните оперски сцени во светот, вклучувајќи ги Париската опера, Миланската Скала и Метрополитен опера, во соработка со врвни диригенти и режисери. Нејзиниот уникатен и препознатлив глас ѝ донесе светска популарност и надвор од оперската уметност: таа го позајми својот глас за ликот на Дивата во култниот научно-фантастичен филм „Петтиот елемент“ (1997).

На програмата на концертот се вклучени избрани дела од оперската класика на Џузепе Верди, Лео Делиб, Џакомо Пучини, Жорж Бизе, Жак Офенбах и други автори.