
Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗО) е рангиран на прво место во Извештајот за мониторинг на државните институции за 2025 година, изготвен од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер. ФЗО ја дели водечката позиција со Државниот завод за ревизија, со освоени максимални 51 бод.
Ова претставува значителен напредок за институцијата, ако се има предвид дека во 2024 година Фондот бил рангиран на 45. место со 24,5 бода. Според соопштението, за само една година ФЗО се искачил на врвот на листата преку унапредување на транспарентноста и отчетноста.
Извештајот е изготвен согласно Методологијата за спроведување на мониторинг за проактивно објавување информации од јавен карактер, а е достапен на официјалната веб-страница на Агенцијата.
Во меѓувреме, ФЗО спровел контроли во 26 јавни здравствени установи, од кои 12 во Скопје и 14 надвор од главниот град. При контролите биле утврдени неправилности поврзани со пресметка на дежурства, комбинирање додатоци за сменска работа и дежурство, прекувремена работа, недоставени податоци, исплата на бонуси и други отстапувања од прописите.
Дополнително, биле извршени контроли и во 37 установи за итна медицинска помош и домашна нега, при што во 14 установи биле констатирани неуредни наоди. Најчесто утврдените проблеми се однесуваат на недостиг од соодветни одлуки и согласности за ценовници, неправилно фактурирање, наплата на услуги што не подлежат на наплата и користење застарени ценовници.
На здравствените установи кај кои се утврдени неправилности им е оставен рок од два месеци за нивно целосно отстранување.
