Skip to main content
Свет

Франција ќе забрани пушење цигари на сите јавни места

30/05/2025  17:06

Француската министерка за здравство и семејство, Катрин Вотрен, најави дека од 1 јули сите јавни места на отворено во Франција, како плажи, паркови, реони околу училиштата, станици и постојки на јавниот превоз и спортски стадиони, ќе бидат „зони без тутун“ во кои ќе биде забрането пушење цигари.

Каде што има деца, тутунот мора да исчезне. Слободата на пушење завршува таму каде што почнува правото на децата да дишат чист воздух“, изјави Вотрен за францускиот дневен весник „Уест Франс“.

Според Вонтрен, казните за прекршителите на оваа забрана ќе изнесуваат до 135 евра.

Некои француски општини веќе од претходно воведоа ваква забрана на локално ниво, но од 1 јули таа ќе важи на територијата на цела Франција.

Сепак, пушењето класични цигари и натаму ќе биде дозволено на терасите на кафулињата. Забраната нема да важи за електронските цигари, кои и натаму ќе може слободно да се пушат на отворено.

Првично се најавуваше дека покрај новите мерки против пушењето, ќе биде воведена и забрана за продажба на цигари на лица помлади од 18 години, но засега таква одлука не донесена. Сепак, според Вотрен, не е исклучена и таква забрана во иднина.

Овие забрани се во рамки на мерките на француската Национална програма за контрола на тутунот за периодот 2023-2027 година, со кои земјата се усогласува со Планот на Европската комисија за борба против ракот, кој има за цел создавање „генерација без тутун“ до 2040 година, однос состојба во која цигари би пушеле помалку од пет проценти од населението на ЕУ.