
Вечерва на депонијата „Дрисла“ избувна голем пожар кој за кратко време предизвика густи облаци чад што брзо се раширија над скопската котлина. Од повеќе делови на градот се забележуваат портокалови пламенови и силно светло кое продира од депонијата, додека чадот веќе навлезе кон урбаните населби.
Експертите предупредуваат дека горењето отпад на ваков тип депонии ослободува токсични гасови и ситни честички опасни за здравјето на луѓето, особено за најранливите категории – децата, старите и хронично болните лица.
Граѓаните се повикуваат да избегнуваат престој на отворено во вечерните часови, да користат заштитни маски при неопходно движење и да ги држат прозорците затворени сè додека состојбата не се стабилизира.
Пожарникарите се на терен и работат на локализација на огнот, а причините за избувнувањето на пожарот засега остануваат непознати.