
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов од ССМ утрово упати директно обвинување дека пратениците се кријат од сопствениот народ. Според него, многумина од нив дошле на работа уште пред 9 часот само за да не ги погледнат работниците во очи.
„Добро утро на сите, освен на пратениците. Зошто освен на нив? Затоа што веќе две години го блокираат предлогот на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на работничките плати, за покачување на минималната плата и на сите останати плати за најмалку 600 евра во денарска противвредност“, вели тој.
Блокадата на улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“ според ССМ има за цел да ги спречи пратениците да влезат со возила и да наплатат огромни патни трошоци, принудувајќи ги да одат пешки или со автобус.

„Целта е да не можат да наплатат патни трошоци како да трошат керозин, туку да мораат да дојдат пешки или со јавен градски превоз, исто како што на своите работни места одат работниците. Моите информации се дека голем дел од пратениците дошле на работа уште рано утринава, пред 9 часот, само за да не се соочат со работниците на улица. Се кријат затоа што се срамат од своите гласачи и затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата“, вели Трендафилов.

