Еден до симболите на Град Скопје, Калето, со години стои запустено.
Иако е во строгиот центар на градот иако мора да биде дел од туристичката понуда, Калето во изминатите години е повеќе затворено отколку отворено.
Утрово глетката на Калето не се разликуваше од останатите денови. Празно, тивко и речиси морничаво беше околу овој грандиозен објект.
Седум и пол години Калето е затворено за масовни посети и се отвора само по потреба со дозвола од Управата за заштита на културното наследство.
Како е во соседството?
Скопје го има Кале, Белград го има Калемегдан.
Но за разлика од скопската, белградската тврдина секојдневно е посетена од илјадници домашни и странски туристи и претставува број еден туристичка атракција во главниот град на Србија.
Речиси нема туристичка понуда која во својот пакет не нуди и разглед на Калемегдан.
Исто е и со историските значајни објекти и во Атина, Солун Софија, единствено во Скопје, туристите и жителите на Скопје не можат да го посетат еден од најважните симболи на градот.
Има ли шанси повторно да се отвори?
Во поновата историја Калето останува во меморија на меѓуетничките инциденти од 2011 година, но и по организацијата на концерти и фестивали (како Пиволенд), па оттука се поставува прашањето дали Калето повторно ќе види бел ден?
Ако им се верува на надлежните, големи се шансите за такво нешто.
Министерот за култура, Зоран Љутков, најави негово отворање во следните неколку месеци.
„Вчера го имав првиот состанок со Советот за културно наследство, со кој го видовме и извештајот кој што беше направен од работната група формирана од Управата за заштита на културното наследство и во наредниот период ќе преземеме конкретни чекори бидејќи имаме буџет во 2025 година за таа намена. Се надеваме дека до почеток на летото веќе ќе можеме да го отвориме Калето официјално за посетители. Освен Калето и содржините што ги имаме внатре, во Калето, а тоа се музеите, рече министерот Љутков.
А до тогаш, Калето заклучено и празно отанува да ги чека своите подобри денови кога повторно ќе ги прими своите посетители.