Skip to main content
Свет

Фон дер Лајен: Не смееме да паднеме во стапицата на Путин за поделби во ЕУ

06/10/2025  20:38

– Живееме во период на максимална неизвесност и експлозивна нестабилност и во овој хаотичен и заканувачки пејзаж потребно ни е единство за да испорачаме за Европејците, да ја зајакнеме безбедноста, да ја заштитиме нашата демократија, да ја поддржиме индустрија и да го зацврстиме нашиот општествен модел, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

– Светот е во најнесигурна и најопасна состојба во последниве децении, а Европа е во состојба на висока готовност. Поентата што сакам да истакнам е дека треба да се фокусираме на она што навистина е важно. А тоа е да испорачаме за Европејците, изјави Фон дер Лајен за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур по двете иницијативи за изгласување недоверба на нејзината Европска комисија, поднесени од групите Патриоти за Европа (ПФЕ) и Левица.

Според неа, противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија.

Таа посочи дека токму затоа треба внимателно да се слушне она што минатата недела го изјави рускиот претседател Владимир Путин  во Сочи, префрлајќи ја вината за војната во Украина на Европа.

– Тој се пофали со она што го нарече „пукнатини на градбата на Европа“ и „разрушено единство“ во рамките на нашата Унија. Тој не го крие својот презир кон нашата Унија и темелите врз кои е таа изградена. И не ја крие својата радост и поддршка за сите свои послушни пријатели во Европа кои ја работат неговата работа за него. Тоа е најстариот трик – сеење поделби, ширење дезинформации, правење жртвено јагне. Сето тоа, за да ги сврти Европејците едни против други. Да го спуштиме нашиот гард додека се бориме едни против други. Да ја ослабнеме нашата решителност и нашата отпорност. Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа, нагласи Фон дер Лајен.

Таа истакна дека ЕУ треба да испрати порака на единство, без разлика дали станува збор за одбранбената подготвеност, за изградба на демократскиот штит, за зајакнување на конкурентноста или за создавање квалитетни работни места за сите.