Skip to main content
Музика

Flowers Symphony – магична вечер во изведба на Битолски Оркестар DIVA

01/12/2025  17:19

Во преполната сала на Македонска Филхармонија во Скопје минатата вечер се одржа концертот „Flowers Symphony“, уште едно симфониско доживување кое ја потврди мисијата на Битолски Оркестар DIVA да ја освои македонската публика со уникатни, смело концепирани музички проекти. Салата беше исполнета до последно место, а публиката реагираше со овации по секоја композиција. Концертот заврши со два бисa, а публиката остана на своите места, не сакајќи вечерта да заврши.

Оркестар кој ја освојува Македонија

Flowers Symphony е дел од проектите што го дефинираат стилот на Оркестар DIVA, состав предводен од Владимир Димовски, кој веќе една деценија создава програми што ја рушат границата меѓу класичното и популарното. Димовски, познат по своите оригинални аранжмани и концепти, со години создава проекти што редовно ги полнат салите ширум Македонија од „Rock Symphony“ и „James Bond Symphony“ до „Vienna во Bitola“ и „Stars Symphony“, со кои оркестарот освои сцени од Битола, Скопје и Ниш, па сè до Белград, Сараево и Котор. Вечерашниот концерт беше уште една потврда за тој континуитет и стил.

Целата организација, програмата и аранжманите се дело на Владимир Димовски, кој создаде концерт што ја спои италијанската елеганција, симфонискиот звук и тематиката на цвеќињата во еден визуелно и музички впечатлив настан. Сцената беше осмислена како цветна градина, со софистициран визуелен концепт кој ја надополни музичката приказна. На сцената настапија: Јаворка Витанова, Зана Абази Рамадани (Косово) и Виолета Арсовска. Гости на вечерта беа Полина Тасева и Камелија Дукова (виолина). Секоја од нив внесе различна нијанса на музикалност, создавајќи богат симфониски мозаик.
Особено внимание привлече гестот на Полина Тасева, која за време на својот настап подели ружи, претворајќи го концертот во вистинска „симфонија на цвеќиња“. На самиот крај, за време на бисот, Владимир Димовски подели цветови на сите женски учеснички, а потоа и на дел од публиката – гест што беше пречекан со стоечки овации и искрени реакции.

Во текот на вечерта беа изведени композициите: Caruso, Time to Say Goodbye, O Sole Mio, Parla più piano, Flower Duet и други канциони во симфониска обработка. Секоја изведба беше дочекана со бурни реакции и долги аплаузи, особено Time to Say Goodbye и бисот O Sole Mio.

Овој концерт уште еднаш го потврди она што многумина веќе го знаат: Битолски Оркестар DIVA и Владимир Димовски успеваат да ја освојат Македонија со проекти што се единствени по концепт, блиски на публиката и уметнички силни. „Flowers Symphony“ беше празник на музиката, уметноста, емоцијата и публиката која ја поддржува и верува во ова симфониско патување.

За повеќе информации за Битолски Оркестар ДИВА и за неговите проекти посетете ги профилите на социјалните мрежи Facebook и Instagram.