Skip to main content
Свет

Финскиот претседател со предлог до Трамп: Прекин на огнот во Украина за Велигден

30/03/2025  17:31

Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека му предложил на американскиот претседател Доналд Трамп прекин на огнот во Украина да биде одреден за 20 април.

„Позицијата на Финска, која му беше пренесена на претседателот, е дека мора да се постигне прекин на огнот и дека е потребен конкретен датум за тоа. Нашиот предлог е 20 април – тоа би било соодветно време за целосен прекин на огнот. Доналд Трамп е на функцијата околу три месеци“, изјави Стуб на прес-конференција.

Тој, исто така, ја нагласи потребата од создавање „силен механизам за санкции“ како средство за притисок, кој би се активирал доколку Русија и Украина не се договорат за прекин на огнот или доколку Москва го прекрши.

Претходно, финскиот претседател посочи дека се неопходни прелиминарни преговори за решавање на конфликтот, со цел „повторно вооружување на Украина“ и „вршење притисок врз Русија“.

По телефонскиот разговор меѓу рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Доналд Трамп, прес-службата на Кремљ соопшти дека за Москва клучен услов за мирно решавање на конфликтот во Украина е целосен прекин на странската воена помош и доставување разузнавачки информации за Киев, пренесе Спутник.